Напад со дрон е извршен врз американски војници во североисточна Сирија, а според првичните информации нема повредени, изјави неименуван американски претставник за Ројтерс.
Тој додаде дека во моментов се врши проценка на штетите.
Нападот се случил во зоната за слетување Румалин, каде што се стационирани американски војници.
Ова е втор напад врз американските сили на Блискиот Исток во последните денови, откако Иран најави одмазда за убиството на Исмаил Ханије, политички лидер на милитантната група Хамас, во Техеран на 31 јули.
Иран го обвини Израел за неговата смрт.
Убиството на Ханије и висок воен командант на либанската група Хезболах, поддржана од Иран, Фуад Шукр, во Бејрут ја подгреа загриженоста дека конфликтот во Газа ќе се прошири во регионот.
Петмина припадници на американските сили беа повредени кога во понеделникот беа истрелани две ракети „Какуша“ врз воздухопловната база Аин ал Асад во западен Ирак.
САД имаат 900 војници во Сирија и 2.500 во соседен Ирак, за кои велат дека се во мисија да ги советуваат и помагаат локалните сили кои се обидуваат да го спречат обновувањето на Исламската држава, која зазеде големи делови од двете земји во 2014 година.