Најмалку 18 лица, меѓу кои осум деца, загинаа во израелските воздушни напади низ Појасот Газа, соопштија денеска палестинските власти.
Пет лица, меѓу кои еден маж, неговите три деца и неговата сопруга, се убиени во напад на куќа во јужниот дел на Газа утринава, соопшти болницата Насер во Кан Јунис, како што јави АП.
Во воздушен напад врз куќа западно од Кан Јунис загинаа најмалку четири лица, меѓу кои и едно дете.
Цивилната одбрана, агенцијата за прва помош која работи под владата предводена од милитантната група Хамас, соопшти дека три деца и нивната мајка биле убиени во воздушен напад синоќа во населбата Туфа во Газа, а уште три се исчезнати.
Во напад на зграда во центарот на градот Газа доцна синоќа загинаа едно дете и тројца возрасни, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Според тоа министерство, од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври минатата година, повеќе од 40.000 луѓе се убиени во Појасот Газа.