Најмалку 12 загинати во терористички напад во Сомалија

Сподели со своите пријатели

Најмалку 12 лица загинаа, а повеќе се повредени откако милитантите на Ал Шабаб упаднаа во хотелот Хајат во Могадишу, главниот град на Сомалија, соопштија локалните власти.

Loading...

Сомалискиот функционер Мохамед Абдикадир изјави за Би-Би-Си дека безбедносните сили продолжуваат да ги неутрализираат терористите кои се забарикадирале во зградата на хотелот.

„Повеќето луѓе се спасени, но досега е потврдено дека загинале најмалку осум цивили“, рече Абдикадир.

Девет лица се повредени и изнесени од хотелот, изјави претходно за Ројтерс шефот на службата за брза помош.

Полицијата соопшти дека напаѓачите активирале две експлозивни направи пред хотелот Хајат пред да влезат во зградата и да отворат оган.

Наведено е дека тие се криеле на последниот кат од хотелот, неколку часа по почетокот на нападот, а специјалната полициска единица спасила десетици гости и персонал од хотелот.

„Два автомобили-бомби го нападнаа хотелот Хајат. Еден ја погоди оградата во близина на хотелот, а другиот ја погоди капијата на хотелот. Веруваме дека терористите се внатре во хотелот“, изјави за Ројтерс локален полицаец.

Терористичката организација Ал Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда, веќе долго време е во судир со федералната влада.

Loading...

Групата контролира голем дел од јужна и централна Сомалија, но успеа да го прошири своето влијание во областите контролирани од владата со седиште во Могадишу.

Нападот во петокот е првиот чин на тероризам во главниот град на Сомалија откако во мај беше избран новиот претседател Хасан Шеик Мохамуд.