Над 60 Палестинци загинаа за 24 часа израелски напади во Газа

Сподели со своите пријатели

Над 60 Палестинци загинаа во израелските воздушни напади во јужниот и централниот дел на Газа во последните 24 часа.

Loading...

Во вчерашниот „најсмртоносен“ напад беше погоден пазар пред градот Кан Јунис, во зона полна со кампови за раселени лица.

Официјални лица во болницата Насер во Кан Јунис изјавија дека само во тој напад биле убиени 17 лица, пренесува АП.

Во соопштението на израелската војска се наведува дека цел на нападот бил командантот на поморската единица на Исламскиот џихад западно од Кан Јунис и дека ги истражува извештаите дека цивили биле убиени.

Нападот се случи на околу еден километар од комплексот што Израел го нападна во саботата, кога соопшти дека цел бил главниот воен командант на Хамас, Мохамед Деиф, јави Танјуг.

Здравствените власти во Газа тогаш изјавија дека повеќе од 90 Палестинци, меѓу кои и деца, загинале во нападот. Се уште не е познато дали Деиф е убиен во нападот.

Израелската армија вчера објави дека елиминирала половина од раководството на военото крило на Хамас и дека околу 14.000 милитанти биле убиени или приведени.