Над 50.000 луѓе го напуштиле Порт-о-Пренс поради насилството на бандите

Сподели со своите пријатели

Околу 53.000 цивили побегнале од градското подрачје на Порт-о-Пренс меѓу 8 и 27 март, бидејќи избувнаа насилства за време на велигденскиот викенд, соопштија денеска Обединетите нации.

Loading...

Шефот на ОН за човекови права, Волкер Турк, рече дека на Хаити се случиле прекршувања на човековите права „без преседан во модерната историја на Хаити“, вклучувајќи убиства, киднапирања и сексуално насилство, според Ројтерс.

Поради интензивните конфликти, блокиран е транспортот на клучните потреби и хуманитарна помош до главниот град на таа островска држава.

Според ОН, многу раселени цивили се упатиле кон полуостровот на југот на земјата, кој сè уште се опоравува од разорниот земјотрес во 2021 година.

Додека соседните земји ги зајакнуваат своите поморски граници, само четири отсто од Хаиќаните изјавија дека сакаат да емигрираат, најмногу во Доминиканската Република, која го дели островот Хиспаниола со Хаити.

Сепак, владата на Доминиканската Република ја засили својата гранична безбедност како мерка на претпазливост и депортираше илјадници бегалци преку границата.

Сојузите на моќните банди се обидуваат да преземат делови од главниот град што сè уште не го ставиле под своја контрола и објавија „војна“ на владата, чиј премиер најави оставка на 11 март додека беше во САД.

Премиерот Ариел Хенри првично се очекуваше да биде сменет во рок од неколку дена по неговата најавена оставка со преоден претседателски совет формиран од претставници на политички партии и граѓански организации предложени од регионалните лидери во Јамајка.

Loading...

Но, три недели подоцна, формирањето на претседателскиот совет допрва треба да се случи во услови на фракциони препукувања, закани и оставки.