Спорт, дружење и едукативни активности ги обединија денеска повеќе од 300 ученици од три основни училишта во Куманово, кои беа дел од настанот „Мини Олимписки игри 2026“, одржан во салата на економското училиште „Перо Наков“.
Учениците од ООУ „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Толи Зордумис“ учествуваа во различни интерактивни игри и спортски активности, преку кои имаа можност да се запознаат со олимписките вредности како фер-плеј, почит, пријателство, тимска работа и здрави животни навики.

Претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, истакна дека целта на ваквите настани е децата уште од најрана возраст да се воведат во олимпизмот преку игра и спорт.
– Ова е настан кој го слави спортот во пракса и сакаме децата од најмала возраст да ги воведеме во олимпизмот преку игрите. Кога ќе погледнете вакво богатство од среќни и весели деца, тоа е најубавото нешто што може да ни се случи. Главната цел е да има забава, спорт и здрава младина“, изјави Димевски.

Тој посочи дека ваквите активности не се само спортски игри, туку и можност преку образовниот процес кај младите да се доближат различни спортски вештини, како гимнастика и атлетика.

Александар Крстевски од Секторот за култура и спорт при Општина Куманово истакна дека покрај спортскиот аспект, важен сегмент е и социјализацијата на децата.
„Сакаме што повеќе младите да се вклучуваат во спортски активности, бидејќи имаме проблем со гојазноста кај младите. Но, исто така важно е и дружењето – денеска тука има деца од различна етничка и верска припадност, кои заедно се дружат без предрасуди. Тоа е една од најголемите цели“, рече Крстевски.

„Мини Олимписки игри 2026“ се реализираат во рамки на ОВЕП програмата на Македонски олимписки комитет, со поддршка од Олимписка солидарност, како дел од активностите за промоција на спортот и олимпискиот дух кај младите.














Никола Ивановски

