На Трамп му е дозволено да учествува на републиканските избори во Мејн

Сподели со своите пријатели

Државниот секретар на Мејн, Шана Белоус ја повлече одлуката за забрана на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се појави на гласачкото ливче на прелиминарните избори на републиканците, откако Врховниот суд на САД пресуди дека одделни држави не можат да му забранат на Трамп да учествува.

Loading...

„Во согласност со мојата заклетва и обврска да го почитувам законот и Уставот, а во согласност со одлуката на судијата Андерсон, ја повлекувам мојата одлука. Како резултат на изменетата пресуда, ќе се пребројат гласовите за господинот Трамп на претседателските прелиминарни избори на 5 март 2024 година“, изјави Белоус, пренесе порталот Хил.

По Колорадо, државата Мејн на крајот на минатата година му забрани на Трамп да учествува на прелиминарните избори на Републиканската партија во тие држави, поради обвинувања за негова наводна вмешаност во немирите во американскиот Капитол во јануари 2021 година.

Претходно денеска американскиот Врховен суд едногласно ја укина одлуката на сојузната држава Колорадо, со која Трамп беше дисквалификуван од учество на републиканските прелиминарни избори во таа држава.

Судиите на Врховниот суд одлуката ја соопштија ден пред утрешниот „супер вторник“, кога републиканците во 15 сојузни држави одат на внатрепартиски избори.

Трамп ја опиша одлуката како „голема победа за Америка“.