На европските берзи утринава цените на акциите паднаа петти ден по ред бидејќи инвеститорите се внимателни пред американскиот извештај за вработеноста, што може да влијае на одлуката на американската централна банка за каматните стапки.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,4 отсто во 9:30 часот, така што е на пат кон неделна загуба од околу 3 отсто.
Утринава лондонскиот FTSE индекс загуби 0,54 отсто, на 8.195 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,81 отсто, на 18.425 поени, а париски CAC 0,58 отсто, на 7.388 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,3 отсто во 9:30 часот, така што е на пат за неделна загуба од повеќе од 2,5 отсто.
Состојбата на азиските берзи
Утринава на токиската берза индексот Никеи се лизна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,8 и 1,2 отсто.
Во Австралија, пак, се зголемени за 0,4 отсто, додека во Хонг Конг нема работа поради ураганот.
На пазарите има претпазливост, исто како и вчера на Волстрит, кога индексот Dow Jones ослабе за 0,54, а S&P 500 за 0,3 отсто.
Индексот Nasdaq, пак, порасна за 0,25 отсто. На пазарот владее нервоза пред објавувањето на податоците за вработеноста во американската економија во август, што може да влијае на одлуката на првиот човек на американската централна банка за каматните стапки.
Аналитичарите во анкетата на Ројтерс процениле дека бројот на вработени се зголемил за 165 илјади повеќе во споредба со 114 илјади во јули. Во исто време, стапката на невработеност може да се намали од 4,3 на 4,2 отсто.
Намалување на каматните стапки
„Пазарот постојано осцилира помеѓу апетитот за ризик и одбивноста кон ризик бидејќи инвеститорите ги следат макроекономските показатели како што ФЕД соопшти дека ќе ги следи за одлуките за каматните стапки. Пазарот ги следи податоците за да добие увид во тоа како економијата се однесува во контекст на сценарио за слетување и што сето тоа значи за каматната политика на ФЕД“, вели Васиф Латиф, претседател на Сармаја Партнерс.
Пазарот очекува ФЕД да започне со намалување на каматните стапки во септември, по години на рестриктивна монетарна политика.
Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени.