Повеќе од четириесет маскирани и вооружени лица, утринава во 2.30 часот извршиле упад во ПС Гошинце на македонско – косовската граница и заробиле четворица полицајци, потврди Иво Котевски на прес-конференција.
Според полицискиот портпарол Иво Котевски, станува збор за терористичка група од Косово, која на униформите имала ознаки „УЧК“, а со себе имала и преведувач, кој зборувал на лош македонско-српски јазик.
Од она што МВР го кажа на прес-конференцијата се знае дека групата, откако ја нападнала станицата, со лисици врзала тројца полицајци од вкупно четворица кои биле дежурни, ги снимала со рачна камера и ги тепала.
– Водачот на групата им рекол на полицјајците: „Ние сме од УЧК. Пренесете дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спаси. Нам не ни треба никаков Рамковен договор и ако повторно ве фатиме тука, сите ќе ве убиеме. Сакаме наша држава“. Потоа групата го одзела оружјето што било во полициската станица, дел од радио-врските и им ги искршила мобилните телефони на полицајците. На излегување, напаѓачите им дале време од триесет минути да не мрднат никаде, по што се повлекле на косовска територија, изјави Котевски.
По извесно време, четвртиот полицаец ги ослободил колегите кои тргнале пеш од полициската станица Гошинце кон најблиското село. На 200 метри по патот, од блиско место, слушнале рафали од огнено оружје.
Во моментов полицајците се ослободени, а во околината на Гошинце упатени се бројни полициски сили.
Во денешниот инцидент нема загинати ниту повредени.
Од МВР велат дека Македонија и нејзините институции биле цел на терористички напад.