Москва ја поздравува мисијата на МААЕ во Запорожје

Сподели со своите пријатели

Висок руски дипломат денеска изјави дека Москва ја поздравува претстојната мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во нуклеарната централа Запорожје во источна Украина, која беше окупирана од Русија, пренесе РИА Новости.

Loading...

Михаил Улјанов, постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, рече дека Русија дала значаен придонес во посетата, која според МААЕ ќе се одржи оваа недела.

Во исто време, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на неговата посета на Шведска изјави дека Русија го изложува целиот свет на ризик од нуклеарна несреќа.

„Сите треба да бидеме обединети во барањето едно, повлекување на Русија од нуклеарната централа Запорожје“, рече Кулеба по средбата со шведската премиерка Магдалена Андресон.

Мисијата на агенцијата за нуклеарна безбедност на ОН треба да ја посети нуклеарната централа Запорожје оваа недела поради стравувањата од можно истекување на радијација.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска на Твитер објави дека тим од експерти на МААЕ „сега е на пат“ кон централата, која е под контрола на руските сили во јужна Украина.

„Мораме да ја заштитиме безбедноста на Украина и најголемиот нуклеарен капацитет во Европа“, рече Гроси.

Експертите на МААЕ треба да ја проценат физичката штета на објектот, да ја утврдат функционалноста на безбедносните системи, да ја проценат состојбата на персоналот и да спроведат итни заштитни активности, соопшти агенцијата на ОН.

Loading...

Стравувањата за безбедноста во објектот ескалираа во последните неколку недели, бидејќи Киев и Москва разменија обвинувања за ракетни напади околу објектот во јужниот украински град Енерходар.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.