Москва во четвртокот рече дека секој британски план за испраќање војници во Украина како дел од потенцијална мировна мисија би бил неприфатлив за Русија и дека со загриженост ги следи изјавите на британскиот премиер Кир Стармер.
Стармер претходно изјави дека е подготвен да испрати британски војници во Украина како безбедносна гаранција во случај да биде постигнат некаков облик на прекин на огнот меѓу Москва и Киев.
Според The Telegraph, британскиот премиер планира да му претстави план на американскиот претседател Доналд Трамп, според кој помалку од 30.000 европски војници ќе бидат испратени во Украина во замена за американска заштита на тие војници.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека овој предлог е неприфатлив бидејќи во него се вклучени сили од членка на НАТО, што има сериозни безбедносни последици за Русија.
„Ова е причина за загриженост за нас бидејќи зборуваме за можно испраќање воени контингенти од земјите на НАТО во Украина“, изјави Песков за новинарите на дневниот брифинг.
„Тоа добива сосема поинакво значење од перспектива на нашата безбедност. Ние внимателно ја следиме оваа ситуација“.
Русија постојано нагласува дека се противи на присуството на војници на НАТО на украинска територија.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави претходно оваа недела дека Москва ќе го смета присуството на западните трупи за „директна закана“ за рускиот суверенитет, дури и ако тие сили дејствуваат под друго знаме.
За време на разговорите со американските претставници во Ријад во вторникот, Русија побара НАТО да се откаже од ветувањето од 2008 година за идното членство на Украина во Алијансата.
Таа, исто така, ја отфрли идејата дека трупите на НАТО би можеле да играат мировна улога како дел од потенцијалниот договор за прекин на огнот, пренесува Ројтерс.