Изложба на слики „Од самрак до зори“ на Далибор Јовановски во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ –  Куманово во четврток од 19 часот ќе биде отворена изложбата  на слики “Од самрак до зори“ на Далибор Јовановски. Изложбата содржи 20-тина дела , работени во техниката акрил на платно.

Далибор Јовановски е роден т 1983 год. во Куманово, Република Македонија.   Образование:  1998-2002 Државно средно училиште за применета уметност “Лазар Личеноски” Скопје отсек сликарство.   2003-2008 Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел Графика, насока графички дизајн, во класа на професор Зоран Јакимовски. Има реализирано 3 самостојни изложби и учество на дваесетина групни изложби, колонии и ликовни проекти. Од  2012 работи како наставник по ликовно образование во ООУ ,,Кочо  Рацин” Куманово.

За изложбата,  историчарот на уметноста Роберт Цветковски ќе запише:

“…Понекогаш, во самиот процес на создавање на едно уметничко дело, покрај моменталната инспирација или веќе однапред подготвениот целосен концепт, не помалку важен е и периодот во      текот на денот кога започнува самата реализација. Во зависност од работните навики и повеќегодишни рутини, уметниците творат во различни периоди на денот но ние сакаме да ви ја раскажеме приказната за уметникот Далибор Јовановски којшто преферира работа во ноќниот период кога сите човечки активности ќе запрат и просторот ќе се исполни со творечка тишина. Тогаш Јовановски е инспириран за креирање на платна коишто се огледало на неговата душа, мотиви коишто од имагинативниот мисловен албум се материјализираат во дела кои еманираат тишина, мир и спокој. Фасциниран од  контемплативната моќ на ноќната тишина којашто се протега сè до утринските часови, Јовановски ја именува својата најнова изложба со насловот „Од самрак до зори“ (“Dusk till dawn“). Изложбата содржи дваесетина дела работени во техниката акрил на платно и истата може да се подели во две целини. Едната целина би била слики на коишто тематскиот мотив е коњот во повеќе варијанти а другата е составена од портрети, животни (горила) и др. Иако на прв поглед збирката делува хетерогено, нишката што ги поврзува е медитативната атмосфера на спокој и присутност без некој емоционален набој. За ваквото чувство придонесува и самата позадина која е едноставна, монохромна или бихромна, со што вниманието е максимално фокусирано на објектот којшто е во прв план, доминантен, и на комплетен увид на гледачот. Циклусот со коњите говори за големиот потенцијал на Јовановски во смисла на техничка вештина и широк дијапазон на ликовно-стилски изразни варијанти: цртачки, графичко-дизајнерски и сликарски. Имено, коњот како персонификација на благородно животно, но и во одреден контекст како животно кое симболизира моќ и сила (во дела на повеќе сликари), во интерпретацијата на Јовановски делува природно, мирно и величествено потенцирајќи ја максимално неговата извонредна физичка  конструкција. Без разлика дали се работи за студија на глава или целосна фигура, коњот во творештвото на Јовановски е ставен на пиедестал како суштество со идеални пропорции, конструкт на природата чиишто елементи и детали биле отсекогаш инспирација за ликовните творци. На грациозната фигура на коњот честопати му е додавана и некоја колористичка конотација (Синиот коњ на Франц Марк, германски експресионист и др.) па тој пристап на боење на коњот со разни бои е присутен и кај Јовановски. Но важен детал во овие слики е и сонцето коешто навестува нов почеток на денот и го симболизира цикличното функционирање на универзумот. Што се однесува до портретите, Јовановски слика портрети од скулптури во коишто се обидува да ја долови третата димензија (пластичноста, волуменот) додека другите слики се во еден поп арт манир,  како решенија за постер што е во крајна линија и разбирливо ако знаеме дека по специјалност Јовановски е графичар. Дали ваквиот концепт ќе наиде на прием кај публиката останува да се види, но она што останува со сигурност е широкиот спектар на идеи и хетерогени  реализации.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  14-годишната Јана Анастасовска од АК Куманово постави нов државен рекорд

Изложбата ќе биде отворена до 29.10.2026.

Интегрално соопштение