Во Уметничката галерија во Куманово, на 28 септември со почеток во 20 часот ќе биде отворена ретроспективно-монографската изложба на Крсто Славковски.
Заедно со Вангел Наумовски, Ѓорѓе Шијаковиќ, Добри Трендафиловски-Добрин и Ристо Ристовски, тој е претставник на основоположничката генерација на наивата во Република Северна Македонија и истовремено најзначајниот уметник во скулптурата од оваа област.
Роден е 1928 г. во с.Кучевиште, а неговата творечка искра зажарила во 1950 г. и продолжила да пламти се до крајот на животот (2009 г). Вработувањето во Уметничката галерија во Скопје 1952 г. како административно/технички помошник претставува своевидно „воведение во храмот на уметноста“, духовно откровение и оплеменување, но пред се силно изразеното чувство за скулпторската форма, придонесува за целосна посветеност и континуирана творечка активност во областа на наивниот израз.
Крсто Славковски е автор на компактна, робусна и волуминозна, меланхолична, елегична и умилителна фигурација со распон од јадровит и рудиментарен до екстензивен, атрофирачко/анорексичен изглед во кој е втисната извесна болна чувствителност, мечтателност, таговност…
Иако автодидакт, поради уметничките вредности од 1972 г. бил активен член на ДЛУМ и излагал на сите традиционални изложби, на изложбите „Зимски салон“, „Ситна пластика“ и др. Кон него не треба да гледаме само како на еден од најважните претставници на наивата туку како кон достоен член на големото македонско уметничко семејство.
Со цел достојно да биде претставен неговиот богат творечки опус, НУ Музеј-Куманово во рамките на ретроспективната изложба истовремено објавува и книга за овој автор со шеесеттина колор репродукции и обемен текст од Гоце Божурски.
Интегрално соопштение