МОН: 100 психолози вклучени во зајакнатата психосоцијална поддршка на учениците

Сподели со своите пријатели

Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолози на Македонија и Црвениот крст, обезбеди зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините  каде голем број млади, во несреќата во Кочани, загубија браќа, сестри, другари и соученици, информираше денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Loading...

„Веднаш по трагичниот настан беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата. Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново – Облешево и околните места, како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Митева: Владата во целост ги покрива трошоците, финансиска поддршка за сите семејства

Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолози, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен. Преостанатите ќе се вклучат откако ќе ја поминат денешната обука.

На интернет страната на Министерството за образование и наука има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолози на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст кои се во функција 24/7 .

Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани каде има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Казни и забрани за работа: Продолжуваат инспекциите во угостителството

Јаневска ги охрабри стручните лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и наставниците. Доколку им се потребни попрецизни насоки каде се најпотребни и како да делуваат, можат да се обратат до Министерството и до Комората на психолози.

За поддршка на студентите, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е отворен центар за младинско советување .

Министерството за образование и наука, во рамки на надлежностите, и во следниот период ќе презема и координира активности кои можат да им бидат од помош на младите во справување со предизвиците.

Loading...