Водно некогаш било гола планина, а неговото интензивно пошумување со децении било неопходно за заштита на Скопје и околните населби од ерозија и поројни води, порача м-р Крумислав Барзов, член на Советот на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Тој на прес-конференција реагираше на предлог-ДУП-от за Градска четврт Барутана, кој опфаќа површина од 6,9 хектари, предупредувајќи дека неговата реализација би значела сечење на голем број дрвја и повторно изложување на граѓаните и нивниот имот на ризик од ерозија.
„Водно беше гола планина“, потсети Барзов, посочувајќи дека во минатото големи маси вода и земја се спуштале по падините на планината, стигнувале до околните населби и предизвикувале материјална штета, но и опасност по животите на граѓаните.
Според него, токму поради тоа Водно со децении било пошумувано и одржувано, а денес тој процес би можел да биде загрозен поради градежни интереси.
„Сега, за интересите и апетитите на неколкумина, треба да се уништи она што со генерации се правеше и одржуваше“, рече Барзов.
Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија велат дека се против предлог-ДУП-от за Барутана во предложената форма и бараат планот детално да се ревидира.
„Затоа, советниците на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Општина Центар се противат на предлог ДУП-от за Барутана и бараме тој да не се прифати во предложената форма и детално да се ревидира“, порача Барзов.

