Во СОУ „Перо Наков“ во Куманово вчера се одржа „Еко модна ревија“, настан посветен на одржливата мода, креативноста и подигнувањето на еколошката свест кај младите.

Ревијата, која се организира четврта година по ред, годинава беше поддржана од проектот на Министерството за образование и наука за меѓуетничка интеграција.

Директорката на училиштето, Мила Жибак, истакна дека во подготовката и реализацијата на ревијата заеднички учествувале ученици и наставници од македонските и албанските паралелки од текстилната струка.
– Оваа ревија е насловена како „Еко мода“ затоа што сакаме да испратиме порака до целата заедница за правилно и одговорно управување со отпадот и за одржливо производство. Во рамки на ревијата се претставени четири тематски целини инспирирани од четирите годишни времиња, со цел да ја поттикнеме еколошката свест кај учениците – изјави Жибак.

Наставничката Викторија Крстевска посочи дека учениците се подготвувале во текот на целата учебна година, а годинашното издание има поинаков концепт насочен кон подигнување на еко-свеста.
– Треба да бидеме свесни за загадувањето кое го предизвикува текстилната индустрија и поради тоа еко-модна ревија од рециклирање и редизајн на стари парчиња облека – рече Крстевска.

Таа додаде дека интересот за текстилната струка во училиштето расте од година во година, а ваквите ревии придонесуваат за промоција на училиштето и привлекување нови ученици.

Настанот испрати пораки за одговорна и одржлива мода, со акцент на повторната употреба на облеката и намалувањето на текстилниот отпад.








































Никола Ивановски

