Индискиот премиер Нарендра Моди денеска пристигна во посета на Украина, при што се очекува со украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги сподели перспективите за мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина, пишува Тајмс оф Индија.
Порталот наведува дека посетата на Моди на Киев доаѓа речиси шест недели по неговата посета на Москва, која наиде на критики од САД и од западните сојузници.
Ова е прва посета на индиски премиер на Украина откако земјата стана независна во 1991 година.
Вчера, за време на неговата посета на Полска, Моди рече дека ниту една војна не завршува на бојното поле и ги поддржа дипломатските напори за што поскоро завршување на војната во Украина.
„Ние цврсто веруваме дека не постои таков проблем или конфликт што може да се реши на бојното поле. Невини луѓе ги губат животите во секоја криза, тоа е огромен предизвик за целата цивилизација. Затоа го поддржуваме дијалогот и дипломатските напори за што поскоро враќање на мирот и стабилноста“, рече Моди.