Актерите на Македонски народен театар вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ја играа претставата „Мој тремин“ на 22то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, при што кумановци се насмеаа до солзи.
Станува збор за претстава според мотивите на Лорен Бафи и Висенте Ваљануева, а под режисерска палка на Синиша Ефтимов.
Во претставата играа: Јордан Симонов, Тања Кочовска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Микиќ, Сашка Димитровска и Александар Михајловски.
Како што изјави актерката Кочовска, екипата секогаш е задоволна од кумановската публика.
– Секогаш има прекрасни реакции, точно знаат каде да реагираат, точно знаат каде да аплаудираат, немам зборови. Ова ни е прв пат во Куманово, премиерата ни беше во јуни, малку ја игравме и кон крајот на септември почнавме веќе константно да ја играме и ќе дојдеме пак, изјави Кочовска.
Најтешкото е да бидете сериозни кога сите се смеат, но во тоа е „финтата“, вели актерот Јордан Симонов.
– Од реакциите сме многу задоволни, затоа што имаше досега невидени реакции. Во Скопје нема такви реакции, се осеќа дека публикава живее за фестивалот, дека ги сака и ужива во претставите и мислам дека вечерва имавме полн погодок, изјави Симонов.
Инаку фестивалот продолжува и вечерва, а на репертоарот е велешкиот театар кој премиерно ќе ја изведе претставата „Одам на лов“.
Повеќе фотографии во текот на денот на нашиот Инстаграм профил.