Русија и Северна Кореја денес започнаа со изградба на патен мост меѓу двете земји што ќе ја премости реката Тјумен, како дел од напорите за зајакнување на нивното стратешко партнерство, изјави рускиот премиер Михаил Мишустин.
Мостот се гради во близина на постојниот „Мост на пријателството“, железнички мост кој е пуштен во употреба во 1959 година по Корејската војна, пренесува ТАСС.
На церемонијата посветена на почетокот на изградбата на новиот мост, Мишустин рече дека тоа е значаен настан во односите меѓу двете земји.
„Значењето оди многу подалеку од самата инженерска задача. Тоа ја симболизира нашата заедничка желба да ги зајакнеме пријателските, добрососедските односи и да ја зголемиме меѓурегионалната соработка“, истакна тој.
Новиот патен мост, за кој се дискутира со години, ќе биде долг 850 метри и ќе биде поврзан со рускиот автопатски систем.
Неговата изградба беше договорена за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Северна Кореја во 2024 година.
Рускиот весник „Комерсант“ објави дека мостот ќе биде готов до летото 2026 година, пренесува Танјуг.
Мишустин рече дека мостот „ќе им овозможи на претприемачите значително да го зголемат обемот на транспорт и да ги намалат трошоците за транспорт, да обезбедат сигурно и стабилно снабдување со разни производи, што ќе придонесе за проширување на трговијата и економската соработка“.