Родители и наставници денеска се собраа на мирен протест пред Општинското основно училиште „Толи Зордумис“ за да го изразат својот револт што во петокот осмооделенец од оваа училиште бил претепан од група албански средношколци.
Иницијатор на мирниот протест беше мајката на претепаниот ученик која вели дека нејзиното дете најмногу е повредено психички и најави приватни тужби за насилниците.
Во четвртокот еден од нив го провоцирал мојот син кој не возвратил на неговата провокација. Истиот тој средношколец му рекол: „Не се плаши не сакам да те тепам да се поздравиме спортски ние сме браќа и другари“, по што осмооделенецот заминал дома.
Во петокот при излегување веќе била соберена таа група средношколци и го чекале да дојде. Едниот од нив дошол го фатил за врат и рекол зошто си ме пцуел зошто си ме навредувал. Тој одговорил дека нема ништо со нив и тогаш почнале со тупаници, со клоци, сите други се нафрлиле, додека неговите соученици гледале и не можеле да реагираат. Се обиделе да го одбранат, но за жал не успеале да го одбранат. Во еден момент мојот син се онесвестил, бидејќи го удирале со боксач во градниот кош, паднал и онесвестен продолжиле да го удираат – потресно раскажува мајката, Александра Петковиќ.
Loading...
На помош прв пристигнал возачот на автобусот кој бил паркиран пред училиштето, по што во тој момент излегол и заменик директорот, а насилниците избегале. Директорот повикал обезбедување, повикале полиција, а кога мајката пристигнала го однеле во болница каде примал терапија против болки и добил помош од психијатар и психолог.
Не го боли тоа физичко малтретирање, отколку тоа психичко. Моео синче не сака да излезе сега надвор. Сакам и апелирам до сите институции, ова да биде прв и последен случај. Да не се дозволи на ниедно дете, сите сме родители и овие деца се на некого – апелираше мајката на претепаниот ученик.
Поддршка на протестот даде и првиот човек на Секторот за образование при Општина Куманово, Жика Крстевски, како и директорот на училиштето Бобан Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека нивото на безбедноста во училиштето по овој инцидент е зголемена на највисоко можно ниво и приватното обезбедување ќе работи по 12 часа.
Ќе бидат учениците обезбедени од седум наутро до седум навечер. Исто така имам контактирано со СВР Куманово да биде испратено службено лице да биде присутно во термините кога учениците најчесто излегуваат и доаѓаат на училиште. Учениците и родители би сакал да се чувствуваат безбедно во училиштето. Ние и до сега сме преземале низа активности да ги згрижиме учениците, да имаат заеднички активности, учествуваме во сите проекти за меѓуетничка интеграција и ќе продолжиме да учествуваме – изјави Бобан Ѓорѓиевски, директор на ООУ „Толи Зордумис“.
Тој потенцираше дека инцидентот не е внатрешен, туку ученикот е нападнат надвор од кругот на училиштето.
Поддршка даде и раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Жика Крстевски порача кога веќе средното образование е задолжително, да биде обезбедено и бесплатно обезбедување на учениците како не би доаѓало до вакви инциденти.
Ако во оваа држава образованието и основното и средното е задолжително, ако на учениците им се обезбедува бесплатен превоз, бесплатно училиште, тогаш е неопходно да им се обезбедат и безбедни училишта. Не преку проекти, како што тоа функцуионира до сега туку институционално да се реши учениците да бидат безбедни, особено во овие средини каде живеат и учат ученици од повеќе етнички заедници – изјави Крстевски.
Тој најави дека општината ќе прави напори со вонредни мерки на сите училишта до крајот на учебната година ќе им овозможи добра безбедност.
Ќе се заложиме рпед надлежните државни субјекти и она што е надлежност на локалната самоуправа од идната година да имаме соодветно обезбедени училишта за да може пред се преку едукација на родители, учениците и наставниот кадар да ги научиме сите дека треба да живееме сите заедно ид а бидеме безбедни и да дојде време кога нема да ни треба посебно обезбедување и да не не се случуваат вакви настани.
Крстевски потенцираше дека тоа ќе биде задачата на локалната самоуправа пред почетокот на новата учебна година.
Loading...
Од СВР Куманово го потврдија случајот и најавија дека по целосно расчистување ќе следува прекршочна постапка за физички напад и истата ќе биде доставена до Основниот суд кај судија за малолетници.
Инаку на протестот поддршка дадоа и родители на ученицит еод албанска националност, бидејќи од 500 ученика кои посетуваат настава во ООУ „Толи Зордиумис“ околу 300 се Македонци, а останатиот дел настава следат на албански јазик.