Шумските пожари во Франција и Шпанија изложија милиони луѓе на штетен квалитет на воздухот во текот на изминатите неколку дена, изјавија научниците во вторник.
Чадот од пожар содржи мешавина од загадувачи што го намалуваат квалитетот на воздухот дури и на растојание од стотици километри.
Научниците рекоа дека се особено загрижени за емисиите на PM2.5 поврзани со кардиоваскуларни заболувања, рак на белите дробови и тешкотии со дишењето.
„Знаеме дека ова има навистина значаен ефект врз здравјето, особено кога станува збор за повеќедневна изложеност“, објасни Теодор Кепинг, климатолог на Империјал колеџ во Лондон.
„Сведоци сме на сè посериозни и почести пожари со висок интензитет каде што луѓето се изложени на тие многу, многу високи нивоа на PM2.5“, додаде тој.
Во францускиот град Бордо, нивото на загадување со PM2.5 надмина 300 микрограми на кубен метар на 26 јули, покажаа податоците од програмата за следење на климата Коперник на Европската унија.
Кепинг истакна дека просечното ниво на PM2.5 честички во Бордо на 26 јули било 115 микрограми, што е речиси пет пати повисоко од препорачаното ниво во ЕУ.
Чадот ширел невообичаено високи нивоа на PM2.5 честички од Мадрид и Бордо. Во градот Лимож, над 200 километри североисточно од Бордо, нивоата на PM2.5 надминале 400 микрограми на кубен метар во текот на викендот.
Пожарите можат да ги направат PM2.5 честичките уште поопасни бидејќи ја зголемуваат нивната токсичност додека се мешаат со други компоненти во чадот.
Климатските промени ги интензивираат топлите и суви услови што им овозможуваат на пожарите да се шират побрзо и да горат подолго.
Исто така, пожарите ја комплицираат борбата против климатските промени. Европските шуми апсорбираат и складираат стотици милиони тони јаглерод диоксид, кој се ослободува во атмосферата кога шумата гори, а потоа придонесува за глобалното затоплување, пишува Ројтерс.
Пожарите сочинуваат само мал дел од вкупните емисии на стакленички гасови во Европската Унија, но ЕУ го вклучува јаглерод диоксидот апсорбиран од шумите во своите цели за намалување на емисиите за да се компензира загадувањето од индустријата.

