На трибината која вчеравечер се одржа во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово промоција на програмата на СДСМ направи и Максим Димитриевски во улога на претседател на комисијата за одбрана.
Димитреивски на почетокот на своето обраќање се осврна на настаните поврзани со терористичкиот напад во Куманово од 9-ти мај изминатата година, а зборуваше и за мерките кои СДСМ во својата програма ги има во рамките на евро-атлантските преговори и реформи во полицијата и одбраната.
Пред три дена во државата се случи една полициска акција. Сите наеднаш пред телевизори велиме што се случува. Некаде околу 11 часот се испукаа во делот на Дива Населба одредени празнични проектили кои што наликуваа на ракети и сите сметавме дека е отпочната војна, а полицијата вршеше само нормална и стандардна полциска задача. Се поставува прашањето што тоа ни се случи за да ние од еден храбар и достоинствен народ како куманвоскиот народ што е се доведовдме во состојба да се однесува така – рече Димитриевски со порака дека Куманово никогаш нема да го прости 9-ти мај на Груевски.
Како што вели Димитриевски додека Европа го одбележуваше денот на обединувањето, а во Русија се одвиваше најголема парада за победа на фашизмот во Куманово се случи мини дводневна војна.
Сите ние заедно ја задолживме многу Република Македонија и мора еден ден Македонија да се одолжи за тоа на кумановчани. Застанавме рамо до рамо сите заедно и ја испративме порака на мирот, бидејќи ни беше јасно дека се работи за едно фингирано сценарио во кое за жал имаше и човечки жртви – рече Димитриевски во своето излагање.
Тој истакна дека оваа власт креираше лоша слика за полицијата која спроведуваше избори до сега, но најави дека овој пат полицијата ќе обезбеди услови за фер избори, а критики упати и за третирањето на македонските војници.
Среќаваме војник на улица и ви паѓа жал, го сожалувате затоа што истиот го облекуваат нашите пријателски држави спонзори и донатори. Во минатото тоа беа помош во високо софистицирана опрема, денеска е тоа помош во основна облека и чорапи. Почитувани мои по чорапи во НАТО не се оди и да не се вади Груевски дека неодењето во НАТО е токму името на Република Македонија – нагласи претседателот на комисијата за одбрана на СДСМ.
Тој најави темелни промени и враќање на стандардите на одбраната и безбедноста во државата како што тоа било до 2006 година и најави деполитизирање на армијата и полицијата, а се осврна и на стопанството во Општина Куманово.
Живееме во град, возиме по инфраструктура таква каква што е во градот. Некаде има дупки, раскопано е, не е раскопано, средено е, не е средено, ние сме на власт и одговорноста е кај нас, но притоа ќе го свртиме погледот лево и ќе го видиме „Житомел“. Ќе го свртиме погледот десно и ќе го видиме „1-ви Мај“ каде го рушат, ќе поминеме да излеземе од Куманово и ќе го видиме „Монопол“ како станува руина и ја пишува својата историја. Е, тоа е денеска нашето Куманово. Куманово е град кој што не произведува леб, а има една од најголемите фабрики за производство за леб и бели пецива. Па, да го прашаме Груевски кој тоа го направи во Куманово и кој ги затвори тие силни и некогашни компании. Сите го јадевме лебот на „Житомел“, растевме и пораснавме со него, а денеска го гледаме како ФЗЦ го купија за еден милион евра – вели Димитриевски.
Димитриевски праша како некој може да ги купи државните акции кои, како што потенцираше тој, се три до четири пати помалку вредни од самите залихи на стоки кои ги има компанијата. Како што додаде Максим Димитриевски, денеска со багер се руши она што сите граѓани на Куманово во деведесетитте години со мака го граделе.