Францускиот претседател Емануел Макрон на вториот ден од неговата посета на Белград рече дека „убаво е да се има сигурни пријатели“ и „историски константи во свет каде што сè е нестабилно“.
Својата објава од 15 јули 2019 година ја сподели на социјалната мрежа Х на српски и кирилица, на која прикачи и фотографија направена за време на неговата посета на Србија.
„Имам убави спомени од мојата посета на Србија пред пет години. Искрена радост е да се вратиме“, напиша Макрон, пренесе Бета.
Францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот пристигна во дводневна посета на Србија, во време на големи предизвици со кои се соочува неговиот домаќин Александар Вучиќ, пред се поради се помасовните и жестоки протести против ископувањето на литиум.
Вучиќ во четвртокот навечер рече дека со францускиот претседател разговарал за зајакнување на врските меѓу Србија и Франција на повеќе полиња, додавајќи дека е потпишан договор за купување на 12 борбени авиони Рафал во вредност од 2,7 милијарди евра, кои Франција ќе и ги продаде на Србија.
На вториот ден од посетата, планирано е Макрон заедно со српскиот претседател Вучиќ да замине во Матица српска во Нови Сад, како и во компанијата „Шнајдер електрик“.
На крајот од посетата, Макрон ќе присуствува на откривањето на плочата по повод завршувањето на модернизационите работи на аеродромот Никола Тесла во Белград.
Францускиот претседател за првпат беше во официјална посета на Белград во јули 2019 година, кога двете земји прославија 180 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Вучиќ во април годинава беше во официјална посета на Париз.