Финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе разговараа телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, објавија денес официјални лица.
Разговорот се одржа во консултација со Украина, според официјалните најави на двете нордиски земји.
Стуб и Сторе го иницирале разговорот за да разговараат за војната и претстојните трилатерални разговори – во кои учествуваат Русија, Украина и Соединетите Американски Држави (САД) – кои се очекува да се одржат во ноември во Абу Даби.
Во најавите се нагласува дека двајцата европски лидери зборувале во име на своите земји, а не во име на цела Европа.
„Разговорот беше искрен и концизен“, рече Стуб.
Тој додаде дека Финска е сосед на Русија и дека исходот од војната ќе има директно влијание врз безбедноста на Финска, како и врз безбедноста на Европа во поширока смисла.
Според него, потребни се директни разговори за да се стави крај на војната.
Стјоре рече дека „страдањето и уништувањето ќе влијаат на генерации“ и дека „во разговорот беше нагласена важноста на деескалацијата“.
Разговорот, кој беше потврден од канцелариите на норвешкиот премиер и финскиот претседател, следеше по состанокот одржан на 20 октомври во Осло, на кој учествуваа двајцата нордиски лидери, украинскиот претседател Володимир Зеленски и специјалниот претставник на САД Стив Виткоф.
Данската премиерка Мете Фредриксен изјави дека е многу скептична во врска со независната иницијатива на Норвешка и Финска да разговараат за Украина со рускиот претседател Владимир Путин. Таа изјави за данската телевизија ДР дека овој контакт не бил координиран со другите земји од ЕУ, објави британскиот Гардијан.
„Не гледам никакви знаци дека Русија сака мир со Европа, ниту во хибридната војна, која се случува секој втор ден, ниту во Украина каде што секојдневно извршуваат смртоносни напади“, рече таа.
Фредриксен изрази верување дека Европа треба да се одржува обединета, а не да прави работи самостојно и додаде дека не знае што службениците на Финска и Норвешка мислат дека можат да постигнат со тоа.
„Претходно многу јасно нагласивме во име на остатокот од Европа, секогаш кога другите одеа сами и патуваа во Москва, дека е клучно Европејците да настапуваат заедно. Ова е нешто за кое многумина од нас се борат сите овие години“, рече таа.

