Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката ќе гради куќи наменети за специфични категории семејства, јавува Утрински весник.
На 18 локации во неколку општини, на државно земјиште, ќе се градат објекти за индивидуално домување, кои на лицитација ќе им се понудат на неколку категории семејства кои го немаат решено станбеното прашање. Првенство за купување би требало да добијат повеќедетните семејства, младите брачни парови или социјално загрозени семејства, а не е исклучено еден дел и да се наменат за комерцијална продажба, пишува Утрински.
Ова е нов проект на државното станбено претпријатие, кое досега најчесто се занимаваше со изградба на згради. Засега не се знае колкав број куќи ќе бидат изградени во проектот. Во оглас објавен на Бирото за јавни набавки АДСДП бара фирма која ќе изработи проект за куќи, за кои засега се обезбедени 18 локации во три скопски општини, Ѓорче Петров, Бутел и Илинден. На една парцела може да има по една или по повеќе куќи, во зависност од големината на земјиштето.
Куќите, според директорот на Акционерското друштво, Цветко Грозданов, ќе бидат од тврда градба со површина од 60 до 80 квадратни метри. Дополнително ќе треба да се утврди дали куќите ќе имаат и дворно место, како и дали земјата ќе остане државна или, пак, сопствениците ќе можат да си ја откупат.
Семејствата што ќе се решат да купат ваква куќа нема да имаат право да ја отуѓуваат во период од 20 години. Тоа, покрај социјалниот статус на семејството, ќе биде еден од условите што ги предвидува проектот.
Освен трите општини кои засега понудиле локации со државна земја, каде што ќе се градат куќите, Грозданов очекува проектот во иднина да се прошири и во други општини, во зависност од потребите.
Инаку, шт се однесува на Куманово, и покрај најавите за изградба на социјални станови на веб страната на АД за изградба на станбен и деловен простор, и информацијата за изградба на 60 станови за социјални семејства во локалитет Касарна, нас. Бедиње, на тоа место, повеќе од две години се изградени комерцијални станови кои се нудат на продажба на граѓаните.