Изградена во 1976 година, зградата во Куманово позната како Комитет, поточно поранешна Зграда на стручни служби на самоуправни интересни заедници, деновиве добива нов лик, откако со средства од Општина Куманово и Североисточниот плански регион, се реновираше кровната конструкција и големата сала.
Во проектот за обновување на зградата, влезе и целосно реновирање на тоалетите на вториот кат каде се одржуваат седниците на Советот на Општина Куманово како и санирање на ѕидовите во антрето со бојадисување и премачкување со мрсна боја.
Големата сала на комитетската зграда е целосно реновирана, односно, изваден е стариот под, како и старата ламперија и заменето со нов теписон, целосно гипсирани и варосани ѕидови, нови и пресвлечени седишта и четири инвертер клима уреди. Салата во иднина ќе биде користена за општествени и партиски дебати, со план, во оваа сала наскоро да се одржуваат и седните на Советот на Општина Куманово.
Над седиштата е поставена посебна просторија за проекција и продлжеток каде ќе бидат сместени новинарите и техничките служби.
Реновираната сала ќе биде свечено пуштена во употреба на 11 Ноември – Ден на Куманово кога е планирано одржување на свечена седница и доделување на ноемвриските награди.
Инаку, со важечките закони во СФРЈ, познавачите на приликите говорат дека во 1976 година, не било дозволено инвестирање во нестопански дејности, па така била изградена и комитетската зграда.
Зградата е изградена со заеднички средства на ОО на СКМ Куманово, Општинска синдикална организација, Собрание на Општина Куманово и ОО на Сојуз на борци од НОБ од Куманово, како и со донација односно 250 милиони динари од стопански работни организации.
Сега и овде, во комитетската зграда се сместени повеќе политички партии, Здружението на синдикати, Сојузот на борци, а како простор кој не се користи, повеќе простории се издадени на приватни фирми и кафулиња.