Куманово во 2016 ќе добие ново пајак возило и нова монтажна гаража

Сподели со своите пријатели

Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ ќе добие ново пајак возило, додека заедно со Јавното претпријатие „Водовод“ ќе набават нови машини за обележување на паркинг места, одлучија денеска советниците на 45-та седница на Советот на општина Куманово.

Пајак возилото кое сега се користи за уредување на градскиот сообраќај е произведено во 1986 година и како такво не може ефикасно да ја врши својата функција. Истото работи по барање на Министерството за внатрешни работи и сообраќајната полиција, и е во улога на регулатор на сообраќајниот хаос во градот, истакна денес пред советниците директорот на ЈП Куманово паркинг, Фадиљ Шабани.

Според Шабани, изминатите два месеци пајак службата не работела како резултат на законски измени и неподготвени копии за казни, па затоа претпријатието бележи мала загуба.

Во прашање е возило од 1986-та година и неговото одржување е тешко. Неопходни се неколку нови пајак возила, но во рамките на финансиските можности, бараме купување на барем едно ново возило – вели Шабани.

Во рамките на предлог програмата за 2016-та година оваа претпријатие предвидува и набавка на возило со кое ќе се бележат паркинг местата, што наиде на реакција од страна на советниците, бидејќи и ЈП „Водовод“ во својата програма ставиле набавка на возило од ист тип.

На тоа директорот Шабани одговори дека нема информација дека ЈП „Водовод“ ќе набави исто возило.

Имавме критики дека немаме обележано паркинг места и сега со оваа возило ќе бидеме на ниво на задачата и ќе го сториме тоа – вели директоро на ЈП „Куманово паркинг“.

Предлог програмата за работата на оваа претпријатие во 2016 година предвидува и финансиски средства за изградба на монтажна гаража лоцирана пред хотелот „Кристал“.