Во рамки на одбележувањето на Неделата на медицинските сестри и акушерки, денеска во просториите на Модуларната болница во Куманово се одржа крводарителска акција во организација на ПауерТим, во соработка со Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки од Куманово, Црвениот крст и менаџерскиот тим на Општата болница Куманово.
Акцијата се реализираше под мотото „Не можеме да спасиме секого, но можеме да спасиме некого“.
Главниот медицински техничар во Општата болница Куманово, Владимир Симоновски, истакна дека денешниот ден се одбележува во чест на раѓањето на Флоренс Најтингел, која има огромен придонес во развојот и унапредувањето на сестринството.
– Ова е хумана професија која ги опфаќа разумот, душата и срцето. Медицинските сестри секојдневно се посветуваат максимално на пациентите, создавајќи доверба и блискост што придонесува за полесно оздравување, изјави Симоновски.

Тој нагласи дека менаџментот на болницата, заедно со директорот Сашо Стошевски, работи на подобрување на условите преку едукација на кадарот, реновирање и уредување на просториите, како и подобрување на хигиенско-санитарните услови.

Според него, во Општата болница Куманово моментално работат околу 190 медицински сестри, 27 акушерки и 54 болничари, но болницата има потреба од дополнителни 40 до 50 медицински сестри, акушерки, лаборанти и радиолошки техничари за да се задоволат основните потреби и да се достигнат повисоки стандарди во здравствената грижа.

Елена Гелевска, акушерка и лидер на ПауерТим, изрази задоволство од големиот интерес за акцијата.
– За првпат организираме ваква хуманитарна акција и навистина сме благодарни за огромниот одзив. Имаме крводарители од цела Македонија, а поддршка добиваме и од пријатели од соседна Србија, изјави Гелевска.

Таа посочи дека целта на акцијата е да се поттикнат хуманоста, солидарноста и свеста за значењето на дарувањето крв, особено во период кога потребите од крвни резерви се постојани.



Никола Ивановски

