Кошаркарите на Куманово забележаа пораз во денешниот полуфинален меч од Купот на Македонија од страна на Работнички со резултат 77:68.И практично, израмнето беше се до средината на вториот, кога Работнички стигна и до двоцифрена разлика. Во само пет минути се „распадна” играта на Куманово.
По изедначената прва четвртина во која двете екипи се менуваа во водство, но не повисоко од четири поени, Работнички имаше минималец (22:21).
Втората четвртина кумановци не се даваа, но се до средината. Избраниците на Марин Докузовски набрзина го наполнија кошот на Куманово со 12-2 со што направија солидна предност од 41:29. Така продолжи играта и до крајот на полувремето кое за Работнички заврши со позитива од 15 поени односно 46:31, со што веќе се наговестуваше дека тимот на Александар Петровиќ ги губи шансите за финале.
Почетокот на второто полувреме Работнички пак се обиде да доминира, но кумановци со низаод девет поени намалија на негатин од седум поени за резултат 45:52, додека во четвртата четвртина беа најблизу за пресвртница во мечот, кога намалија на 61:65. Сепак кошаркарите од Градски парк не дозволија Куманово да направи промени во резултат, собра сили и го наполни кошот на противникот за конечен резултат 77:68.
– Што да кажам, тоа е! Малку среќа, малку несреќа. Кон крајот на втората четвртина примивме некои безврска шутеви, договорите за во одбрана не ги испочитувавме и тоа не чинеше. Од еден егал-натпревар стигнавме до некои 15 разлика да губиме. Се вративме кон крајот, но ни се случи да натпреварот биде пресликан како и оној во првенството. На 3-4 разлика имавме некои наши топки кои ни ги земаа од раце, се обидувавме и со некоја комбинирана одбрана и зона, пробавме се, но тие во моментов се поквалитетна екипа. Така кажува резултатот – две победи за нив во последните месец дена. Мислам дека и со скокот имавме некои проблеми. Им честитам на Работнички за заслужената победа, ние продолжуваме понатака, изјави Александар Петровиќ, тренер на КК Куманово.
Најефикасни во ростерот на Куманово беа Александар Штерјов со 12 и Марјан Јанески со 11 поени, додека кај Работнички со 18 најдобар беше Кирил Николовски, а со 15 Ѓорѓи Чековски.
– Пред се сакам да им ја честитам победата на екипата на Равботнички. Ние покажавме одлична игра и докажавме дека можеме да се носиме со екипи од самиот врв. За жал во втората четвртина имавме еден пад на играта кој не чинеше скапо. Им дозволивме на преискусните играчи на Работнички да се одлепат и после ни беше тешко да се вратиме. На крајот, искрено малку ни недостасуваше факторот среќа и на некои наши дефанзивни скокови топката се одби право кај нив во раце, тие поентираа и тоа е малку демотивирачки, но се на се беше добар натпревар, изјави Адам Мекиќ, кошаркар на Куманово.
Работнички е првиот финалист во овогодинешниот Куп на Македонија, а противникот ќе се дознае по завршување на мечот МЗТ – Блокотехна закажан за 20:30 часот. По долг период Работнички е фаворит и се заканува да забележи победа во Купот, откако оваа година доби најголема финансиска поддршка и состави извонреден ростер со кој во Првата лига не бележи пораз ниту по 16. одиграни кола.