Ковачевски: Владата продолжува со силна поддршка за лицата со аутизам и нетипичен развој

Сподели со своите пријатели

Премиерот Димитар Ковачевски во чест на Меѓународниот ден на свесноста за аутизмот, 2 април, денеска во Владата на Република Северна Македонија се сретна со децата со аутизам и нетипичен развој од здружението „Во мојот свет” и со нивните родители. Со овој гест Премиерот порача дека Владата и институциите и натаму ќе бидат силен поддржувач и сојузник на овие семејства во борбата за градење на едно инклузивно општество.

Loading...

Во неформална атмосфера децата и нивните родители беа повикани на куса прошетка во Владата, при што ги посетија Кабинетот на Претседателот на Владата, билатералната сала, салата за седници, медија центарот, по што имаа куса средба со премиерот Ковачевски во свечената сала.

Во оваа прилика Премиерот упати апел за солидарност со лицата со аутизам потсетувајќи дека ние како општество сме обединети во различностите и дека обврска на Владата е да продолжи да работи на унапредување на решенијата кои ќе го подобрат квалитетот на живот на лицата со аутизам и на нивните најблиски.

Тој истакна дека Владата и Министерството за здравство редовно спроведуваат активности од делот на Програмата на Владата со кои се овозможува на лицата со попреченост да ги имаат истите права со останатите граѓани во државата. Ова особено се однесува на исполнувањето на правата на лицата со попреченост пропишани со Конвенцијата на ООН.

„Владата, преку Министерството за здравство, во соработка со Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам „Во мојот свет” овозможи користење на неискористениот простор во повеќе здравствени домови во Скопје, во Охрид и во Тетово за отворање на центри за давање на широк спектар на услуги кои можат да им помогнат на децата кои имаат развојни потешкотии. Во овие центри е овозможено давање на потребната поддршка од различни видови професионалци на околу 200 деца, со цел да им се помогне да го достигнат максималното можно развојно ниво со што им се зголемуваат шансите за успех во подоцнежните години“, подвлече Премиерот.

На средба на која присуствуваше и потпретседателката на здружението „Во мојот свет“ Весна Стојановска која изрази благодарност за посветеното спроведување на политиките на инклузија од страна на Владата и институциите. Беше заклучено дека заедничка мисија и интерес и на семејствата, граѓанскиот сектор и на Владата е да се подобри квалитетот на живот на овие луѓе и семејства преку посветена работа и унапредување на системските решенија.