Кошаркарите на Куманово и сезонава ќе го бараат патот до успехот на балканската кошаркарска сцена преку БИБЛ лигата, каде минатата година го освоија сребрениот медал.
Информацијата веќе ја потврдија од Управата на клубот, од каде велат дека со претставниците на Балканската лига било договорено учеството на сино-белите и оваа сезона.
Со нови странски засилувања и добар избор на домашни играчи Куманово ќе се бори да го повтори или надмине минатогодишниот успех кога го освои високото второ место на Балканот.
Ростерот деновиве активно се подготвува за почетокот на новата сезона во домашниот шампионат кој се очекува некаде на средината на октомври, за кога е закажан и стартот на мечевите во 10-та сезона од БИБЛ лигата.
Во меѓувреме се очекува кумановските кошаркари во рамките на подготовките да одиграат и неколки пријателски натпревари со домашните клубови.