Концертот за 35 години независност на Македонија, утре во Куманово

Сподели со своите пријатели

Големиот музички концерт под слоганот „Силно светнал денот“ утревечер од 20:30 часот ќе се одржи на градскиот плоштад во Куманово.

Триесетина македонски музички ѕвезди ќе настапат на плоштадот „Нова Југославија“, а меѓу нив Игор Џамбазов, Драгана Левенска, Елена Ристеска, Тони Зен, Некст Тајм, Бојана Скендеровски, Бранислав Николов, Вера Милошевска, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Спасен Силјановски, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Игор Дурловски, Ана Дурловска, Ана Петановска, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Петар Младеновски, Јанг Дади, Лина Пејовска, Андријана Петрушевска, Марија Спасовска и Мина Блажев.

Концертот е дел од музичкиот караван „Силно светнал ден“, кој во пресрет на 8 Септември, Денот на независноста, патува низ повеќе градови во државата.

Караванот започна на 9 август во Охрид, каде настапија над 120 уметници, а потоа продолжи во Битола и Велес. По настапите во овие градови, музичкиот спектакл продолжува со гостувања низ Македонија.

„Силно светнал ден“ е осмислен како голем музичко-сценски спектакл со кој низ музика и настапи на познати македонски изведувачи се одбележуваат 35 години од независноста на државата.

По Охрид, Битола и Велес, Куманово е следната станица на караванот, кој во наредниот период ќе гостува во вкупно 11 градови.

Кумановци утревечер ќе имаат можност на едно место да видат и слушнат голем број познати македонски музички имиња, во концертна вечер посветена на македонската музика и јубилејот 35 години независност.

Никола Ивановски