Руските сили погодија два моста над реката Днепар во главниот град на Украина, Киев, изјави синоќа градоначалникот Виталиј Кличко.
Друга инфраструктура во Украина беше исто така цел на руски беспилотни летала и ракети.
„Според прелиминарните информации, Северниот и Јужниот мост во главниот град се погодени“, напиша Кличко на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Во нападот, метро мрежата беше делумно оштетена, имаше прекин во снабдувањето со вода и електрична енергија, како и ограничувања во сообраќајот.
Локалните власти објавија дека три лица се повредени во нападот во Черкаската област.
Харков, вториот по големина град во Украина, исто така беше цел, по што следуваа Днепропетровск, Запорожје, како и други региони.
Министерството за одбрана на Русија потврди дека нападите влијаеле на транспортните, воените и енергетските објекти во неколку украински градови, како и на пристанишната инфраструктура и товарните бродови.

