Кинеската и руската морнарица почнаа заеднички воени вежби во близина на провинцијата Гуангдонг во јужна Кина, неколку дена откако НАТО го нарече Пекинг „главниот овозможувач“ на руската војна во Украина, што кинеската страна категорично го негираше.
Кинеското Министерство за одбрана во кусото соопштение наведе дека заедничките поморски сили неодамна патролирале во западниот и северниот дел на Тихиот Океан и дека операцијата нема никаква врска со какви било меѓународни и регионални ситуации и дека таа не била насочена кон трета страна, пренесува Бета.
Вежбата, која ќе трае до средината на јули, има за цел да ги демонстрира способностите на морнарицата во справувањето со безбедносните закани и одржувањето на мирот и стабилноста на глобално и регионално ниво, објави во саботата државната телевизија CCTV, додавајќи дека ќе вклучува и противракетни и вежби за воздушна одбрана.
Новинската агенција Ксинхуа објави дека кинеските и руските поморски сили спроведоа симулација на воена мапа и вежби за тактичка координација по церемонијата на отворање во градот Жанџијанг.
Нови тензии меѓу Кина и НАТО
Заедничките вежби уследија по обновените тензии меѓу Кина и НАТО минатата недела.
Во последната изјава од самитот на НАТО во Вашингтон, јасно беше посочено дека Кина станува фокус на воената алијанса, нарекувајќи го Пекинг „главниот овозможувач“ на руската војна против Украина.
Партнерите на НАТО во Индо-Пацификот споделуваат загриженост за безбедноста што доаѓа од Русија и нејзините азиски сојузници, првенствено Кина.
Како одговор, Кина му порача на НАТО да не создава хаос во Азија и беше објавено дека „т.н. безбедност“ на НАТО доаѓа по цена на безбедноста на другите земји“, Кина го повикува НАТО да престане да се меша во внатрешната политика на Кина и валкање на имиџот на Кина и да не се создаде хаос во азиско-пацифичкиот регион по создавање немири во Европа“, изјави тогаш портпаролот на Министерството за одбрана Лин Џијан.