Русија синоќа истрела шест проектили и 145 борбени дронови во Украина, соопшти украинската војска еден ден по објавувањето на договорот меѓу Москва и Вашингтон за ограничен прекин на огнот.
Украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 72 беспилотни летала, додека 57 „исчезнале“ без да предизвикаат штета, соопшти војската, навестувајќи дека ниту еден проектил не бил уништен.
Украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го осуди „нападот од големи размери“ чија цел беше „цивилна инфраструктура, станбени области и здравствени установи“ и тероризирани градови.
Таа рече дека одговорот треба да биде одлучувачки и дека треба да се воведат уште посилни санкции кон Русија, повикувајќи на зголемена помош за Украина, уште посилна соработка со сојузниците и поголем ангажман за безбедносните прашања.
Украинското обвинителство соопшти дека ноќеска била погодена болница во регионот Суми, на североисток, а во моментот на рускиот напад внатре имало речиси 150 пациенти.
Во друг руски напад во областа на станбена зграда, загина 29-годишен маж, а три лица се повредени, изјави изворот.
Друга болница исто така беше оштетена во друг удар, кој предизвика пожар.
Украинските железници известија дека нејзината енергетска инфраструктура била погодена со беспилотни летала во централниот регион Дњепропетровск.
Недалеку од главниот град Киев, каде што новинарите на агенцијата Франс прес слушнаа системи за противвоздушна одбрана кои дејствуваат против руски беспилотни летала во текот на ноќта, во Буча е повреден француски државјанин, изјави шефот на регионалната воена администрација, Микола Калашников.
Руските власти објавија дека нападот на Украина бил насочен кон складиште за нафта во Краснодарската област, на југот на земјата, инфраструктурен објект кој во принцип треба да биде опфатен со прекинот на огнот објавен вчера по разговорите меѓу американскиот и рускиот претседател.
„Пожар избувна во близина на селото Кавказскаја откако паднаа остатоци“ од дронови соборени од противвоздушната одбрана, соопштија спасувачките служби.