Како кумановското село Кучкарево го добило своето име?

Сподели со своите пријатели

На околу дваесет километри од Куманово, на патот за Свети Николе, се наоѓа селото Кучкарево. Сместено меѓу два рида, некогаш броело четириесетина куќи. Интересно е како селото го добило своето име.

Затоа еве што раскажал еден негов жител пред педесетина години, кој, кога дошол од планинските села на Кривопаланечкиот крај се доселил во Кучкарево и тогаш во селото имало само седум куќи.

Loading...

Многу одамна, кога во Градиште имало римска војска и денешното село Градиште било како град, а затоа и така се вика. На местата кај што денес се наоѓа селото Кучкарево, преданијата зборуваат дека бил сместен некој римски имот во кој се чувале овци, разен друг добиток, а најмногу се одгледувале пчели и се собирал мед во големи количества.

 

 

Подоцна кога римската војска се повлекла, останал сиот имот, а кога дошле Турците за ништо друго не се радувале, туку најмногу на трмките кои се наоѓале на територијата на денешното село Кучкарево.

Центарот на Турците повторно станал градот, што денеска го носи името Градиште, и тука се сместил бегот. Бегот имал големмерак на пчеларникот и секој ден го посетувал. За да биде сигурен некој да не му го ограбува, тој покрај редовна стража, ставил и една многу лоша кучка.

Арно, ама во време на комитлак, една вечер комитите за да му се осветат на бегот, го нападнале неговиот пчеларник, ја убиле кучката и го уништиле целиот пчеларник.

Од голема жал за својата кучка, бегот утредента кога дошол и видел што направиле комитите, наредил ова место понатаму да се вика Кучкарево.

Loading...

И така, од колено на колено, останало името и до ден денес.

Извор: „Наш весник“ број 175 (среда, 1. јануари 1969. година)


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *