Јавното претпријатие „Водовод“ Куманово доби нова градежна машина, информираа денеска од претпријатието.
Работната машина ќе се користи за интервенции на водоводната и канализациска мрежа како и за други итни интервенции.
– Во рамки на проектот „Оформување на функционални средини во област на животна средина и рурален развој“ имплементиран од Центарот за развој на североисточниот плански регион обезбедена е повеќенаменска градежна машина за ЈП „Водовод“ Куманово. Машината е со вредност од 6,5 милиони денари, а учеството на „Водовод“ е 2, 2 милиони денари, изјави директорот на претпријатието, Оливер Стојмановски.
Надлежните велат дека располагаат со доволна механизација и наредниот период ќе аплицираат за теренски возила за потребите при одржување на водоводната и канализациската мрежа.
– Машината ќе се користи за брзи интервенции на постоечката канализациска и водоводна инфраструктура, воедно и за итни интервенции при временски непогоди, на пример за отстранување на паднати дрва, изместување на речни корита, објаснува Стојмановски.
Претпријатието изминативе години доби и друга механизација во рамки на набавката на 12 возила за четири претпријатија од Куманово. Проектот подобрување на општинските услуги, општина Куманово го спроведе како под-заем преку Министерство за финансии преку Светска банка.
МИА