Кралицата Ранија, сопруга на јорданскиот крал Абдула Втори, повика на прекин на огнот во израелската војна против палестинскиот Хамас, велејќи дека повикот да се заштитат животите на Палестинците не е исто што и антисемитизмот и поддршката на тероризмот.
„Да бидам многу јасна. Да се биде пропалестинец не значи да се биде антисемит, да се биде пропалестинец не значи дека си за Хамас или за тероризам“, рече кралицата Ранија во интервју за Си-Ен-Ен.
Таа истакна дека во последните години се користат обвинувања за антисемитизам за да се замолчи секоја критика на Израел.
„Сакам апсолутно и сесрдно да го осудам антисемитизмот и исламофобијата, но исто така сакам да ве потсетам дека државата Израел не ги претставува сите членови на еврејскиот народ што живее ширум светот. Израел е земја која е одговорна за сопствените злосторства“, изјавила кралицата на Јордан, пренесува Танјуг.
Кралицата Ранија рече дека тврдењата на Израел дека прекинот на огнот ќе овозможи посилни напади од Хамас „ја поддржуваат и оправдуваат“ смртта на цивилите.