Началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) Ејал Замир денес нареди засилување на израелските сили на Западниот Брег по, како што изјави, „тежок терористички напад“ во близина на палестинското село Тел.
Според ИДФ, Палестинец украл оружје од координатор за цивилна безбедност и отворил оган врз израелски цивили, објави „Тајмс оф Израел“.
Еден Израелец бил убиен во нападот, додека најмалку двајца други биле повредени.
Израелската армија соопшти дека нејзините сили веднаш реагирале и го убиле напаѓачот, како и дека го вратиле украденото оружје.
За време на проценката на безбедносната состојба, Замир наредил „широко засилување на силите“ за зајакнување на одбраната во областа и пронаоѓање на сите оние кои наводно се вклучени во нападот.
Палестинските здравствени службеници објавија дека четворица Палестинци биле убиени во инцидентот, додека четворица други биле повредени.

