Израел организира туристички тури на неодамна окупираната сириска територија

Сподели со своите пријатели

Израелската армија (ИДФ) почна да организира планинарски тури за цивили на неодамна окупираната сириска територија за време на празникот Пасха, објавија локалните медиуми.

Loading...

Турите, кои се одржуваат два пати на ден, ќе траат седум дена почнувајќи од оваа недела, а билетите се распродадоа речиси веднаш, објави Гардијан.

Предводени од воена придружба во оклопни автобуси, мали групи посетители ќе патуваат до 2,5 километри во сириската територија што беше недостапна додека ИДФ не ја презеде тампон зоната на Голанската висорамнина по падот на сирискиот лидер Башар ал-Асад во декември минатата година.

Израел ја контролира Голанската висорамнина од 1967 година, а сега ја прошири контролата врз стотици нови квадратни километри сириска земја, пренесува Танјуг.

Посетителите ќе можат да пешачат и да пливаат во долината на реката Рукад, која се влева во Јармук на границата со Јордан, како и да видат делови од напуштената отоманска железница Хејаз, која го поврзуваше Истанбул со Хаифа, Наблус и светите места во денешна Саудиска Арабија.

Турите се дел од пошироката иницијатива „Враќање на побезбеден север“, започната по завршувањето на минатогодишната војна меѓу Израел и Хезболах, која беше дел од регионалните последици од нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и војната во Газа.

„За нас е важно да го обновиме наследството и туризмот во регионот и да ја раскажеме приказната за битките водени за време на војната“, се вели во соопштението на ИДФ.

Туристите се регистрираат на сопствен ризик, а турите може да бидат откажани во случај на безбедносни прашања.

Loading...

Поради големата побарувачка, организаторите рекоа дека се надеваат дека безбедносната ситуација ќе овозможи дополнителни тури во Сирија по Пасхата.