Изложба на Мирослав Поповски Вински во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во четврток од 19:30 часот, ќе биде отворена изложба на дела работени во кован бакар од авторот Мирослав Поповски – Вински.

Loading...

Се работи за четириесетина  дела работени во последните неколку   години.

Мирослав Поповски – Вински е роден 1958 г. во Куманово  а со техниката кован бакар се занимава повеќе од 30 години. Својата прва изложба ја реализирал во Куманово во 2007г., а потоа во периодот 2021-2023 излагаше во Струмица, Радовиш и  Сокобања. Оваа изложба му е второ самостојно претставување пред кумановската публика.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Двајца приведени поради напад на жена на булевар во Куманово

Применетата уметност, украсниот дизајн и декоративната уметност секогаш биле актуелни, пред сè заради можноста во истите да се вклучат професионални уметници но и лица – пасионирани вешти занаетчии, кои со своите креации даваат оригинален печат на изведениот експонат.  Посебно внимание предизвикуваат делата работени во метал или поточно на листови од бакар, во случајот со техниката кован бакар.  Оваа техника е многу ретка на овие простори а Мирослав Поповски – Вински е еден од пионерите и промоторите на овој вид на креативно изразување кај нас. Работејќи триесетина години на развивање и унапредување на техниката кован бакар, Мирослав Поповски – Вински успеа да создаде еден свој препознатлив визуелен приказ којшто се базира на фигурација и орнаментика изведена во плиток бакарен релјеф. Во содржинска смисла, тематски е врзан со христијанската иконографија во еден поширок временски дијапазон: тука се вклучени и библиските сцени, Христос, Богородица, светите лица од постар и понов датум – апостоли, свети војници, архиереи, свети лекари, монаси, пророци и др. Пристапот на авторот е прикажаните ликови да се во согласност со канонските правила за прикажување на свети лица, т.е. истите да се придружувани од атрибути специфични за секој лик посебно во смисла на физиономија, облека, оригинална сигнатура  и пратечки реквизити. Во овие дела посебно импресионира степенот на цртачката изведба, приказот на драпериите, комплексните композиции со ликови и орнаменти, симулација на волумен и слични детали прецизно изведени во оваа не баш лесна техника за работа. И ако поривот бара креативните енергии да се материјализираат во дела коишто остваруваат универзална комуникација, тогаш најновиот опус на Мирослав Поповски – Вински во целост ја реализира замислената мисија. Да се надеваме дека творечката бакарна симфонија и понатаму ќе опстојува и дека ќе рефлектира нови достигнувања и во техничка и во духовна смисла.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Грк приведен на Табановце поради нудење поткуп

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 17.04.2024.

Интегрално соопштение