Италијанскиот суд денеска ќе ја донесе пресудата во судскиот процес против поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони за наводно поткупување гости на забава за лажно да сведочат во негова корист.
Според обвинението, Берлускони (86) подмитувал гости да сведочат лажно на претходното судење во кое поранешниот италијански премиер беше обвинет дека платил за секс со егзотичната танчерка Карима ел Махгрух, попозната како Руби „крадецот на срцата“, која тогаш имала 17 години, пренесува Ројтерс.
Обвинителот бара шест години затвор за Берлускони, а тој ги отфрла овие обвиненија и тврди дека е жртва на долгогодишен заговор на судиите да го отстранат од политиката.
Партијата Напред Италија (Форца Италија) на Берлускони е клучен дел од италијанската владејачка коалиција предводена од премиерката Џорџа Мелони.
Доколку Берлускони денеска биде прогласен за виновен, извесно е дека ќе се жали на пресудата и ќе остане пратеник до донесување на конечната пресуда.
Влијанието на оваа пресуда врз стабилноста на италијанската влада нема да биде големо.