Во Италија бројот на новозаразени со Ковид-19 и смртни случаи е на високо ниво и веќе е сигурно дека карантин ќе биде прогласен на целата територија на земјата за Божик и Нова година, јавија италијанските медиуми.
За еден ден се регистрирани над 17 илјади новозаболени лица, а 846 лица подлегнаа на последиците од инфекцијата.
Се очекува официјалното соопштение на Владата дека во Италија, од 24 декември до 3 јануари следната година, ќе биде прогласен карантин на целата територија.
Ова значи дека се ќе биде затворено, освен продавниците за храна и аптеките, напуштањето на домот ќе биде можно само како последно средство и ќе се воведе забрана за излегување надвор од општината и забрана за сообраќај меѓу регионите.
Претседателот на северниот регион Венето, Лука Заја, каде епидемиолошката состојба е критична последните денови, ја поздрави најавата на Владата за воведување карантин, а пред само десетина дена тој беше против и тврдеше дека новиот карантин ќе биде катастрофа.
Пандорка Арсовска-Гацова