Иран: Ружди и неговите поддржувачи виновни за нападот

Сподели со своите пријатели

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани изјави дека Салман Ружди и неговите поддржувачи се виновни за нападот во кој славниот писател минатиот петок беше неколку пати избоден со нож на јавен настап во американската држава Њујорк.

Loading...

„Ние категорично негираме каква било поврзаност меѓу агресорите и Иран и никој нема право да ја обвинува Исламската Република Иран“, рече Канани во првата официјална реакција на Техеран по нападот, како што јави Хина.

Слободата на говор не ги оправдува навредите на Ружди кон религијата во неговото пишување, рече Канани на брифинг со новинарите, пренесува Ројтерс.

Тој додаде дека Иран нема други информации за напаѓачот на Ружди, освен она што се појави во медиумите.

Ружди е познат по книгата „Сатански стихови“, која е забранета во Иран од 1988 година.

Писателот беше принуден да се крие во Велика Британија цела деценија откако иранскиот ајатолах Хомеини издаде верски декрет (фатва) една година подоцна со кој им нареди на верниците да го убијат писателот поради наводната навреда на исламот во романот.

Во 1998 година, иранската влада објави дека не ја поддржува фатвата, но и дека нема да ја повлече.

Според исламската доктрина, еднаш изречената фатва никогаш не може да се повлече, особено ако тој што ја изрекол умрел во меѓувреме, како што беше случајот со Хомеини (1902-1989).

Loading...