Иранската револуционерна гарда соопшти дека со балистички проектили нападнала шпионски центри и „собири на антиирански терористички групи“ во близина на северниот ирачки град Ербил, објавија иранските државни медиуми доцна во понеделникот.
Експлозиите се слушнале во област на околу 40 километри североисточно од Ербил во полуавтономниот регион Курдистан, изјавија за Ројтерс три безбедносни извори.
Експлозии се слушнале во областа во близина на американскиот конзулат, како и станбени згради.
Двајца мртви и пет ранети цивили се пренесени во локална болница по експлозиите, соопштија два медицински извори.
Авиосообраќајот на аеродромот во Ербил е запрен, соопштија безбедносни извори.
„Балистички проектили беа употребени за уништување шпионски центри и собири на антиирански терористички групи во регионот доцна вечерва“, се вели во соопштението на Револуционерната гарда.
Иранската новинска агенција ФАРС објави дека Револуционерната гарда објавила дека со балистичка ракета го уништила „шпионскиот центар на израелскиот Мосад во Ирачки Курдистан“.
Иран во минатото извршуваше напади во северниот дел на ирачкиот регион Курдистан, тврдејќи дека областа ја користат иранските сепаратистички групи, како и агентите на неговиот главен непријател Израел.