Индија: Осум лица загинаа во невремето пред пристигнувањето на циклонот Михаунг

Сподели со своите пријатели

Осум лица загинаа во невремето што го погоди југоисточниот брег на Индија, соопштија денеска локалните власти, пред налетот на циклонот Михаунг, кој се очекува да падне на копно за неколку часа.

Loading...

Се очекува Михаунг да го погоди брегот на Андра Прадеш во текот на денот, соопшти индиската метеоролошка служба, додавајќи дека циклонот е придружен со ветрови до 100 километри на час.

Во некои области се очекуваат обилни врнежи од дожд.

Локалните власти во Мадрас, главниот град на индиската држава Тамил Наду, соопштија дека осум лица загинале во невремето.

Невремето корнеше дрвја, додека некои возила беа однесени од силен дожд, многу куќи беа поплавени, а беше виден крокодил како плива низ улиците на Мадрас.

Научниците предупредуваат дека бурите стануваат се посилни поради климатските промени и глобалното затоплување.

Циклоните, еквивалентни на урагани во Северен Атлантик или тајфуни во северозападниот дел на Пацификот, се редовна појава на бреговите на северниот дел на Индискиот Океан, каде што живеат десетици милиони луѓе.