Холандската агенција за безбедност на храна и потрошувачки производи (NVWA) денеска објави дека ќе преземе мерки против одгледувањето кучиња со генетски нарушувања.
Истражувачката новинарска програма Зембла откри широко распространето непочитување на правилата за размножување, известувајќи дека голем број кучиња страдаат од генетски нарушувања како дисплазија на колкот и зглобот и епилепсија, кои потоа ги пренесуваат на своите потомци.
Прописите поставени од најмалку 25 холандски здруженија на педигре кучиња дозволуваат одгледување на кучиња кои имаат генетски нарушувања, практика што ги прекршува националните закони за благосостојба на животните.
Иако, според правилата, забрането е да се користат кучиња кои имаат тешки наследни состојби како што се напредната дисплазија на колкот и лактот за размножување, често се дозволени поблаги форми на овие нарушувања поради загриженоста на одгледувачите дека нема да има доволно кучиња за размножување, пренесува NL Times.
Зембла анализираше примерок земен од 25 здруженија на чистокрвни кучиња и откри дека ниту една не ги исполнува законските стандарди, што беше потврдено од NVWA.
„Гледаме дека овие регулативи за одгледување го прекршуваат законот. Ние го сфаќаме ова многу сериозно“, рече ветеринарот од NVEA Сузан Хогендорн.
NVWA најави дека ќе преземе мерки против одгледувачите одговорни за зголемувањето на генетските нарушувања кај кучињата, пренесува Танјуг.