Голем шумски пожар викендов избувна во селата околу акумулацијата Глажња и истиот се шири во три правци на непристапен терен.
Според информации од Полициската станица Матејче гори габер и ниска дабова шума.
Пожарот се движел во три правци од кои оној кон селото Думановце бил најсериозен оти можел да опожари две фарми со крави.
Тој крак од пожарот вчера го изгаснале четрворица пожарникари на ТППЕ Куманово и двајца вработени во Шумското стопанство.
Вториот крак е кон селото Гошинце, а третиот кон селото Брест.
Надлежните се сомневаат дека пожарот е намерно подметнат.
– Она што за мене беше симптоматично, јас бев на лице место вчера, е тоа што пожарот има зафатено две страни од широк прооден пат, што значи намерно е подметнат на двете страни од патот, инаку нема никаква можност истиот да биде префрлен од една на друга страна природно. Беше спречено ширењето на десната, горна страна од патот, поголем акцент вчера се стави таму за да не дозволиме истиот да се шири кон високите планини, таму веќе ќе имаме проблем да го спречиме затоа што нема патни правци нагоре ниту било какви други заштитни појаси од пожари, изјави Кире Михаилов, заменик генерален директор на Национални шуми.
Од Шумско стопанство Куманово велат дека пожарот избувнал во атарот на селото Глажња вчера попладне, кога горела површина од околу 10 хектари.
Пожарот кој е во правец на селото Брест не е изгаснат оти таму теренот е непристапен за гаснење со моторни возила.
Според последните информации од вчеравечер пожарот се движел во правец на реката во селото Брест.
Поради непристапноста на теренот, пожарникарите и шумарите се повлекле во текот на ноќта.
Но, кумановските пожарникари вчера имале уште работа. Гаснеле сува трева во селата Речица и Ваксинце, како и ѓубре во населбата Бабин дол.
Никола Ивановски

