Голем пожар кој вчера избувна на територијата на липковското село Никуштак е проширен кон Матејче и може да го загрози тамошниот манастир.
Како што информираше рано утринава директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вчера интервенирале со три ер-трактори, но пожарот повторно се разгорел.
– Веднаш го нападнавме во почетна фаза со три ер трактори. Во девет налети истурија девет тони вода, значи 81 тон исфрлени на местото каде што настана овој пожар, но истиот веднаш се прошири и излезе од контрола, се движи во насока на манастирот во Матејче. Постои можност денес да ги загрози блиските села, но и таму ќе концентрираме доволно луѓе и опрема за одбрана на селата. Тие се живи села, полни со луѓе и нивната одбрана е полесна затоа што нема толку висока вегетација. Имаме претежно чисти дворови, но и многу луѓе кои го знаат селото и можат да помогнат, изјави Ангелов.
Пожарот според информациите од утринава е се уште активен.
Но, кумановските пожарникари вчера имале полни раце работа. Горело на повеќе локации, од сува трева до ниска вегетација, шума, отпад, но и една запалена куќа.
Куќа вчеравечер била опожарена на улицата „Божидар Мицковиќ“. Интервенирале четворица пожарникари од 21:45 до 22:05 часот.
Во селото Умин дол горела сува трева. Интервенирале тројца пожарникари во период од 17:50 до 19:40 часот, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Сува трева и ниска вегетација горела во атарот на селата Кучкарево и Градиште. Тројца пожарникари гаснеле од 11:50 до 17:40 часот.
И во Режановце горела сува трева вчеравечер. Во период од 20:55 до 21:30 часот интервенирале тројца пожарникари.
Кумановските пожарникари вчера интервенирале и на пожарот во Никуштак, во период од 10:35 до 20:55 часот.
Две интервенции имале и во атарот на селото Виштица, каде првин горело кај селските гробишта, а потоа пожар зафатил сува трева и дрва и се доближил до селските куќи, при што било интервенирало до 00:40 часот.
Рано утринава пак, контејнер за смет бил запален на булеварот „Октомвриска револуција“. Двајца пожарникари интервенирале од 01:50 до 02:10 часот.
Интервенција вчера имале и пожарникарите од Старо Нагоричане.

Во атарот на селото Никуљане гореле сува трева, стрниште, ниска вегетација и дел од лозје.

Петмина пожарникари интервенирале во период од 18:02 до 20:30 часот.

Никола Ивановски

