Германската пошта Дојче пост објави дека има намера да укине 8.000 работни места во Германија за да ги намали трошоците.
DHL во четвртокот, на 6 март, ги објави плановите за укинување на околу 8.000 работни места оваа година, како дел од стратегијата за заштеда на повеќе од 1 милијарда евра до 2027 година, откако германскиот логистички гигант објави пад на оперативниот профит од 7,2 отсто на годишно ниво.
Отпуштањата, кои сочинуваат повеќе од 1 процент од вкупната работна сила, ќе влијаат на секторот Post & Parcel Germany и се дел од програмата на компанијата „Fit for Growth“, која се очекува целосно да се имплементира до финансиската 2027 година.
Групацијата DHL вработува околу 602.000 луѓе во повеќе од 220 земји и територии ширум светот, се вели во соопштението на компанијата.
190.000 луѓе работат во секторот „Post & Parcel Germany“.
„Очекуваме глобалната политичка и економска ситуација да остане нестабилна во 2025 година“, се вели во соопштението на извршниот директор на DHL, Тобијас Мајер.
DHL, која исто така управува со Deutsche Post во Германија, оствари 5,89 милијарди евра заработка пред камати и даноци (EBIT) во 2024 година, во предизвикувачка економска средина, што беше над очекувањата на аналитичарите од 5,81 милијарди евра, според консензус обезбеден од компанијата.
За 2025 година, групацијата очекува оперативен профит од над 6 милијарди евра, под очекувањата на аналитичарите од 6,29 милијарди евра. Прогнозата не ги вклучува потенцијалните влијанија од промените во тарифите или трговските политики, соопшти компанијата.
Компанијата ја продолжува својата политика во однос на исплатите на инвеститорите, предлагајќи стабилна дивиденда од 1,85 евра по акција и зголемување на програмата за откуп на акции, која започна во 2022 година, за 2 милијарди евра на вкупно 6 милијарди евра, со продолжување на програмата до 2026 година.